ИЦС Консалтинг Инженеринг потпиша петгодишен рамковен договор со Македонски Телеком за обезбедување опрема и услуги за VDSL2 Vectoring

ИЦС Консалтинг Инженеринг потпиша петгодишен рамковен договор со Македонски Телеком за обезбедување на опрема и услуги за производите од VDSL2 Vectoring технологијата од програмата на светски познатиот производител на телекомуникациска опрема Нокиа. Нарачаната прва количина ќе биде испорачана до крајот на 2016 година.

Посебно е интересно што оваа опрема покрај приклучување на корисници поврзани преку бакарни парици, овозможува и приклучување на корисници преку оптика со што на Македонски Телеком му се обезбедува голема флексибилност (скратување на време и чинење) во однос на имплементацијата на пристапната мрежа. Претходно ИЦС Консалтинг Инженеринг испорача и имплементира VDSL2 Vectoring опрема на неколку локации на Македонски Телеком. Теренските резултати (измерени до 120 Mbit/s по парица) ги оправдаа очекувањата и истите беа во линија со лабораториските резултати од тестирањата на оваа опрема. Имено, лабораториските резултати покажаа просечна брзина по парица од над 95 Mbit/s за растојанија до 600 m.

VDSL2 Vectoring е технологија за поништување на шумот која ја отстранува интерференцијата меѓу VDSL2 линиите, така што секоја VDSL2 линија може да функционира најдобро и да испорачува најголеми преносни брзини. Со оваа технологија може да се постигнат брзини од 100 Mbit/s на растојанија до 600 m. Предностите на VDSL2 (Vectoring) се брзата имплементација како и ниските инвестициски трошоци во однос на „оптика до домот“.