Македонски Телеком и ИЦС Консалтинг Инженеринг успешно го завршија тестирањето на VDSL2 Vectoring

Имајќи ги предвид барањата на корисниците за сè поголема брзина на интернет-пристапот, Македонски Телеком покрај тековната изградба на „оптика до домот“ (FTTH), започна со испитување на други можности за обезбедување на поголеми брзини. Ова доаѓа уште повеќе до израз со одредбите од Правилникот за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства, каде е предвидено операторите во текот на 2016 година се задолжени да обезбедат интернет-пристап со брзина од над 30 Mbit/s на 30% од домаќинствата покриени со нивната мрежа.

За оваа цел ИЦС Консалтинг Инженеринг со својот деловен партнер Алкател-Лусент обезбедија VDSL2 Vectoring опрема, претплатничка опрема и експерти за нејзино тестирање. Заедно со експерти од Македонски Телеком во нивните простории, истата е тестирана во лабораториски услови.

 VDSL2 Vectoring е технологија за поништување на шумот која ја отстранува интерференцијата меѓу VDSL2 линиите, така што секоја VDSL2 линија може да функционира најдобро и да испорачува најголеми преносни брзини. Со оваа технологија може да се постигнат брзини од 100 Mbit/s на растојанија до 600 m. Предностите на VDSL2 (Vectoring) се брзата имплементација како и ниските инвестициски трошоци во однос на „оптика до домот“.

Резултатите од практичните тестирањата покажаа дека самата VDSL2 технологија обезбедува просечна брзина по парица од преку 70 Mbit/s, а со активирањето на векторирањето придобивките се уште поголеми, просечната брзина по парица надминува 95 Mbit/s за растојанија од 600 m.